Магијата на тајните охридски плажи - плажата на љубовта

На помалку од еден километар после познатата монденска плажа Градиште , од десна страна ќе забележите мал неуреден паркинг и веднаш до него козја патека која е прегледна само на почетокот. 

Окото ќе ве мами да ѕирнете што се крие зад дивите грмушки и да ја откриете мистеријата зад неколку трње и мала стрмнина.Откако ќе се стрчате надолу, покриени во сенка, слатко задишани, ќе се најдете на една од најубавите диви плажи во Охрид.
Три големи камења во самата вода и брег долг нецели дваесет метри и околу 4 метри широк на некои места, а на друг само 2.

Оваа дива плажа може да биде вашата Едемска градина. Тука можете да ги фрлите на страна алиштата и да се искапете во најчистата вода што досега сте ја виделе. Ако се исплашите дека некој ќе наиде и ќе ве види во романтична прегратка, нема потреба да се грижите.
Постојат непишани правила за однесувањето на дивите плажи. Кој и да дојде ќе ве остави на раат и ќе се прави дека не ве забележува или ќе се упати кон следното скришно место. 
Од интимата што ќе ја почувствувате таму, ќе дознаете зошто некој ја нарекол така. Плажата е мала, кога ќе легнете, стапалата ви се во вода и никако не смеете да ја пропуштите можноста да се искапете во водата која е плитка само неколку чекори, а потоа веќе мора да покажете пливачки вештини. Но ја има толку кристално чиста вода што не ќе сакате никогаш да излезете од вода.

Галерија

Поврзани блог статии